СУПЕР КУП ЗА СУПЕР МОЌ
Супер беше одлуката на УЕФА да ни ја додели организацијата на Супер Купот во 2017-та година. Супер беше текот на натпреварувањата и во Лигата на шампиони и во Лигата на Европа и супер беше пред еден час кога се разминав со Алекс Фергусон на Камениот Мост во Скопје, главниот град на Република Македонија. И не го сликав, од две причини; првата, да не го реметам, втората затоа што „се навикнувам„ ова да биде наше „нормално секојдневие„. Сношти во Македоноскиот народен театар, нашиот Премиер и нашиот Претседател на Собрание имаа средба со „фудбалскиот свет„. И зборуваа на јазикот на „современиот свет„. Во тој момент воопшто не беше важна дебатата „за јазиците„, иако во Куранот има една реченица дека „Бог ги создал јазиците за луѓето подобро да се разбираат помеѓу себе„. Супер беше што Република Македонија во 1991 година стана самостојна држава а потоа си формира и своја фудбалска асоцијација. Супер беше тоа што по транзицијата и смирувањето на војните претходната владеачка гарнитура донесе храбри одлуки да ја изгради националната арена „Филип Втори„ во Скопје и да го покрене и реализира проектот „Скопје 2014-та„ за денес скопскот плоштад и фан зоната да бидат Супер место за дружење, генерирање на масовна катарза, капење на фановите во фонтаната, додека во ритмот на музиката што посветенито Ди Џеј ја пушта се лулаат македонци, шпанци, англичани, срби, албанци, бугари, грци нашинци од внатрешноста и нашинци од надворешноста. Животот е „процес„, тој не е “еднозначност„, и никој сам посебно не е заслужен за Супер Купот, ама СИТЕ ЗАЕДНО се единствено заслужни. Денешниот ден со златни букви се извезува во поновата историја на нашата земја и е „раскрсница„, точка на „вртење„, „иницијациски момент„ во кој сите заедно се искачуваме во повисоко ниво на живеење, размислување, работа и растеж. Сношти и денес овој воздух го дишат и Роналдо и Зидан и Лука Модрич и Алекс Фергусон и „специјалниот„ Мурињо и волонтерите и фановите дојдени од различни делови на светот и тие што имаат билети и тие што немаат билети за вечерашниот натпревар. За тие што ја имаат заборавено реченицата на Таткото на нацијата „Гоце Делчев„, тој таа реченица визиенорески ја кажа сакајќи да го опише денешниот ден, во за него, тогаш „далечната иднина„ на Македонија. Пред неколку години во Македонскиот народен театар гостуваше Шекспировиот „ГЛОБ„ Театар од Лондон, театарот што ја чува вкупната негова важност, традиција, големина и значење. Како човек што ја инцираше а подоцна ја реализира таа соработка, цело време го чувствував „внатрешниот глас„ што зборува од нашата колективна театарска потсвест; - „Ова е внесување на СВЕТЛИНА во нашата театарска ложа„. Така „осветен„ театарот веќе не е истиот театар, тој е некој помоќен, помудар, посилен, супер-театар. Денешниот натпревар на нашиот стадион е внесување „светлина„ во нашата симболично кажано „фудбалска ложа„. Маѓијата, катарзата и моќното присуство на двата најдобри клуба во светот и секој момент од вечерашниот натпревар засекогаш ќе ја сменат „ДНК„-та на нашата арена, нашата фудбалска свест и особено нашата фудбалска потсвест. Супер куп кој по принципот на „идентификација„ го буди Супер-човекот и Супер-нацијата, нација во смисла на севкупност од ентитети кои ја чинат нашата држава. Малото глувче за миг станува голем лав и како што велеше Јане Сандански, „Робот само еден ден ако ја почувствува слободата, никогаш повеќе нема да биде роб„. Ние денес ја вкусуваме таквата фудбалска, национална, човечка слобода и никогаш повеќе нема да бидеме робови, во било која смисла. Втората реченица на Јане Сандаски, особено важна за овој процес е „Робот сонува слобода, слободниот - совршенство„. Денес, на 8 Август 2017 година, ние граѓаните на современа Република Македонија кои го живееме сонот на нашите претци тргнуваме кон нашето СОВРШЕНСТВО. Аирлија нека е.
М-р Нелко Нелковски,
Основач и главен тренер на ФК „Даме Груев„ - Скопје


Comments