„НИЕ УЖИВАМЕ ВО ИГРАТА„ - информација за јавност по повод првиот натпревар на ФК „Даме Груев„ - Ско
- М-р Нелко Нелковски
- Oct 27, 2015
- 3 min read

ФК „Даме Груев„ денес, на 25 Октомври 2015 година го започна својот фудбалски живот, со одигрувањето на дербито на колото во четвртата фудбалска лига со тимот на ФК „Чаир„. На сончево и ведро време, на стадионот „Млади Лавови„ во Ѓорче Петров домашната публика и гостите уживаа во фудбалската атмосфера и игра.

Пред почетокот на натпреварот имаше свечена церемонија на која се обратија претставници на двата клуба. Претседателот на ФК „Даме Груев„ М-р Нелко Нелковски во своето обраќање подвлече:
„Денес вртиме нова страница во фудбалот во Република Македонија. Тргнуваме длабоко од историјата и имаме голема чест и задоволство да го славиме името на македонксиот револуционер, таткото на организацијата, Даме Груев, чие име во втората светска војна го носи одредот „Даме Груев„, воден од неговиот легендарен командант Наум Веслиевски - Овчарот, за ние денес, во слобода и мир преку развојот на фудбалот, со името на нашиот патрон, да ја продолжиме нашата борба за врвни вредности во животот и спортот. Нашиот клуб за пет години ќе игра во Лигата на шампиони на Европа а со нашата работа, посветеност, чесност и визија ќе ги негуваме врвните фудбалски вредности и целосно ќе ги применуваме правилата на УЕФА и ФИФА во вкупната наша работа. Нашиот клуб на секој натпревар ќе игра со жар и со цел да даде што е можно повеќе голови. Не не интересираат договорени утекмици и резултати, не сме заинтересирани за неспортски активности во нашата работа. Нашата навивачка група „ШАРПЛАНИНЦИ„ посветено ќе го бодри нашиот тим и истата ќе се развива според врвните европски стандарди за работа на навивачки групи. Со денешниот натпревар ФК „Даме Груев„ дава свој прилог во борбата против насилството на спортските терени. Покажуваме црвен картон на расизмот и национализмот во фудбалот и со нашите гости, ФК „Чаир„ демонстрираме единство во борбата за вредности и посветеност во фер и чесна игра. „Ние уживаме во играта„ е мотото на работа и дејствување на ФК „Даме Груев„ кое денес го промовираме. Изразувам благодарност до сите што го поддржуваат нашиот клуб; Фудбалската федерација на Македонија и ОФС - Скопје, Г-дин Сокол Митровски - Градоначалник и целата Општина „Ѓорче Петров„, Фудбалските клубови; „Волково„ , „Македонија„ , „Кадино„ и „Илинден„ и нашиот прв спонзор „ЕУРО-МАРКЕТ„, како и месната заедница „Даме Груев„ и Основното училиште „Страшо Понџур. Ја користам можноста да им пожелам пријатно добредојде на нашите гости и на целата публика. Нека победи подобриот.„

Во своето обраќање претставникот на ФК „Чаир„ Г-дин Шаип Зејнели забележа:
„Се радуваме што сме гости на ФК „Даме Груев„ и што првиот натпревар го играат токму со нашата екипа. Го поддржувам Претседателот на ФК „Даме Груев„ во неговата визија за врвен успех. Ќе ја искористам реченицата на нашата ракометна легенда Кире Лазаров кој го пишува на билбордот зад нас; „Никогаш не се откажувај„. Фудбалската игра носи радост, да се радуваме и спортски да се дружиме, само така ќе успееме да развиеме здрави генерации и да постигнеме врвни спортски резултати.
Пред почетокот на натпреварот беа покажани црвени картони и беа презентирани банери во со натпис „Расизмот и национализмот надвор од фудбалот„.
Она што особено го обогати настанот беше адекватно одбраната музика, па имавме можност да ги чуеме химните на најдобрите клубови во светот „Барселона„, „Реал Мадрид„, „Милан„, „Баерн„ , како и националните химни на најдобрите светски репрезентации; Бразил, Шпанија, Германија, Италија, Холандија, Велика Британија.

„НИЕ УЖИВАМЕ ВО ИГРАТА„ - беше промовирана како официјална сентенца на ФК „Даме Груев„ од Скопје.
Натпреварот изобилиуваше со шанси на двете страни и двете екипи играа без калкулации, на победа. Сепак, и покрај повеќето шанси, натпреварот заврши нерешено 0:0.